ИСТОРИЈАТ НА УЧИЛИШТЕТО
Четириесетипетгодишната работа на институцијата која денес се вика Државно средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски”, заслужува посебен осврт.
Во незапирливиот развој, ДСУ „Св.Наум Охридски” трпи неколку промени на сопствениот статус и назив и континуирано го гради својот углед на успешна воспитно-образовна институција достојна за почит.
Хронолошки, постоењето и работата на ДСУ „Св. Наум Охридски” се дели на два периоди: од основањето до 1982 година и од 1982 година до денес.
Училиштето официјално започна со работа во далечната 1966 година како Центар за професионална рехабилитација на инвалидизирани лица – Скопје. До 1970 година, наставата се одвивала во помошни монтажни бараки, но потоа е изграден постојниот објект со ученички дом и модерно опремени работилници. По оваа година, на стручно оспособување започнаа да се примаат и ученици со посебни образовни потреби.
Со промените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за средно образование, престанува да важи Правилникот за стручно оспособување на инвалиди по пат на професионална рехабилитација, поради што од учебната 1982/83 година Центарот е верифициран како училиште за стручно оспособување на ученици со посебни образовни потреби под називот Центар за рехабилитација и образование „Македонија” – Скопје.
Од 01.01.1994 година Центарот е преименуван во Центар за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски” – Скопје, кое име го носи до денес.